Полицаец и неговиот татко нападнале луѓе пред судница во Гостивар

пред 3 години

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против две лица, син и татко, на возраст од 30 и 54 години, за кои е поднесена кривична пријава за насилство.

Како што информираат од обвинителството, пријавените го сториле делото на 20 април, во чекалница пред судница на гостиварскиот суд.

Првоосомничениот е полициски службеник, додека неговиот татко е пензиониран полициски службеник. Тие физички ја нападнале поранешната вонбрачна сопруга на првопријавениот и нејзиниот татко, нанесувајќи им телесни повреди и предизвикувајќи чувство на вознемиреност и страв и кај другите присутни.

Инцидентот пред судницата се случил додека чекале продолжување на судското рочиште во врска со претходно пријавен настан, во кој оштетените повторно го пријавиле првопријавениот за предизвикување општа опасност.

Честите недоразбирања меѓу осомничениот и неговата вонбрачна сопруга кулминирале со неколку пријави за кривично-правни и прекршочни настани за кои се водат соодветни постапки.

Ценејќи го ова, надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот суд Гостивар доставил предлог за определување притвор за првоосомничениот, додека за неговиот татко се предложени мерки на претпазливост.​

Share
Scroll to Top