Попладнево преговори за покачување на платите во образованието и прекин на штрајкот

пред 3 години

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК)  доби покана за продолжување на преговорите во 15 часот во просториите на Министерство за образование.

Претходно денеска министерот за образование, Јетон Шаќири, во телевизиско гостување изјави дека е подготвен да пренаменат дел од буџетските средства на МОН за да се доближат до процентот на покачување на платите што го бара СОНК.

Синдикатот ја поздрави заложбата.

„Ова нека биде добар пример и поттик за Министерството за труд и социјална политика во правец на надминување на моментната ситуација“, порача првиот човек на синдикатот, Јаким Неделков. Тој деновиве изрази надеж дека надлежните ќе излезат со прифатлив предлог за зголемување на платите, по што ќе се донесе одлука за прекин на штрајкот.

Денеска е трет ден од штрајкот на вработените во образованието. СОНК не отстапува платите на вработените во дејностите образование и детска заштита веднаш да бидат зголемени 18,4 отсто во согласност со порастот на минималната плата, која од овој месец е 18.000 денари и, дополнително, таа да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места. Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, истакна дека ставот на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи. Истовремено, рече Шаќири, од прекинот на работа во чувствителната дејност како што е образованието, губат сите – и децата, и наставниците и државата.