Поради компликации примени 20 нови пациенти во ковид-центрите во Скопје

пред 3 години

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 20 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека вкупно 433 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

„Во последното деноноќие, на интерните клиники имаше 7 приеми и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за ОРЛ и на Клиниката за гастроентерохепатологија, тројца на Очната клиника и двајца на Клиниката за нефрологија. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало 8 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани петмина болни“, се наведува во соопштението на ресорното министерство во кое се додава дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.

Од вкупно 433 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.

И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 86 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.

Share
Scroll to Top