„Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани

„Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани

пред 3 часа

Американската амбасадорка Ангела Агелер ѝ се обрати на јавноста со отворено писмо по повод завршувањето на нејзиниот тригодишен мандат во земјава, истакнувајќи ја силната поддршка на Соединети Американски Држави и вербата во силата и храброста на граѓаните на Северна Македонија.

Агелер потсетува дека пристигнала во Скопје пред три години како десетта амбасадорка на САД и дека била, и останува, длабоко почестена од можноста да ја претставува својата земја. Таа наведува дека уште на почетокот на мандатот изразила силна вера во македонските граѓани и дека таа вера со текот на времето била потврдена и зајакната.

Во писмото, амбасадорката посочи дека во одредени сегменти е постигнат напредок, а во други останува уште работа.

Агелер потсетува дека 2025 година ја одбележала 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија и наведува дека заедничката работа донела конкретни резултати во области како економски раст, енергетска независност, судска реформа, инфраструктура, образование, културна заштита и евроатлантска интеграција.

Агелер посебно ја нагласува личната димензија на мандатот, наведувајќи дека низ земјата била примена во училишта, цркви, судници и домови, и дека со граѓаните водела отворени и искрени разговори, дури и кога постоеле несогласувања.

„Постои нешто магично во оваа земја – нејзината неверојатна убавина, нејзината историја, традиции и култури; нејзините противречности и извонредната отпорност и изненадувачкиот хумор на нејзините луѓе наспроти големите предизвици и длабоките загуби. Сето тоа го споделивте со мене, и ја напуштам Северна Македонија со чувство на огромна благодарност за вашата љубезност, за вашата несебична дарежливост и за силата за која знам дека ја имате за да ја надминете секоја пречка што ќе се најде на вашиот пат“, порача.

Во завршната порака, амбасадорката нагласува дека САД секогаш ќе стојат покрај Северна Македонија и ја повторува својата верба во визијата за посилна, побезбедна и попросперитетна земја, целосно интегрирана како евроатлантски партнер и сојузник.

Текстот „Постои нешто магично во оваа земја“: Проштална порака на Агелер до македонските граѓани е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top