Почна доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром

Почна доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром

пред 2 недели

Во населбата Хром, Општина Ѓорче Петров, денеска беше поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во присуство на премиерот, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претставници на локалната самоуправа, наставниот кадар, ученици и родители.

Со реализацијата на овој проект, училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 метри квадратни нов училишен простор, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата и ќе се создадат можности за организирање на едносменска настава, велат од Општината.

„Ова е трето училиште во Општина Ѓорче Петров кое добива доградба во период од само еден месец, што претставува силен показател за посветеноста на општината кон унапредување на образованието и создавање современи услови за учениците и наставниците“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Од Министерството за образование соопштија дека станува збор за инвестиција во вредност од 30,6 милиони денари, обезбедени преку повик на Владата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во областа на образованието. Изградбата на објектот ќе овозможи во училиштето од следната година да се воведе едносменска настава.

„Упатувам честитки до градоначалникот и посветеното раководство на општина Ѓорче Петров за заложбите да изградат нови училишни капацитети. Отпочнување три нови објекти во еден месец е добар показател за грижата кон граѓаните, кон најмладите и квалитетот на нивното образование. Посакувам успешно заокружување на градежните работи во предвидениот рок и заедно да ги отвориме овие нови училници“, рече Јаневска.

Текстот Почна доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Хром е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top