Почна изградба на нова детска градинка во Дексион-Ѓорче Петров

пред 51 минута

Општина Ѓорче Петров денеска го означи стартот на изградбата на новата детска градинка во урбаната заедница Дексион.

На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Објектот е со површина од 900 м² со капацитет од 120 деца. Рокот за изградба е две години, а инвестицијата на општината изнесува 81.964.479,19 денари со ДДВ.

Објектот, како што е соопштено, е проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за пониски трошоци.

– Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и создавање современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти градиме иднина која е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и децата – истакна градоначалникот Александар Стојкоски во изјава за медиумите.

„Новиот објект во Дексион е уште еден чекор во насока на подобрување на условите за предучилишна возраст, а градинката која исто така е во изградба, а со локација во Стопански Двор е показател дека нашата визија е секое дете во Ѓорче Петров да има пристап до современи и квалитетни услови за растење и учење“.

Стојкоски за наредните четири години најави уште три вакви објекти.

Текстот Почна изградба на нова детска градинка во Дексион-Ѓорче Петров е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top