Почна реконструкцијата на кејот, терасите на угостителските објекти ќе бидат унифицирани

пред 3 години

Градот Скопје денеска почна со реконструкција и уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од градскиот плоштад до улицата Стив Наумов.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кажа дека проектот е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје.

„Тука предвидуваме целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“. Ослободуваме повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила, имајќи предвид дека Градот има обврска кон Телеком. Оваа сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат“, рече Шилегов.

На кејот, додаде тој, ќе се креира доволно простор за сите корисници – за граѓаните кои го користат за прошетки, одмор и за релаксација, но и за бизнисите кои во најголем дел се угостителски објекти.

„Терасите кои ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја. Дотурот на роба ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот. Со тоа, конечно ставаме ред на овој простор, го спречуваме самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила кои последните десетина години го правеше небезбедно движењето на пешаците, но и работењето на угостителските објекти“, рече тој.

Рокот за изведување на работите е четири месеци.

Share
Scroll to Top