Комисијата за заразни болести препорача задолжително носење маски во здравствените установи и домовите кои згрижуваат стари лица и забрана за посети во болниците и во домовите за стари лица. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски вели дека мерките ги предлагаат поради зголемениот број болни од грип.
„Бидејќи сме во интензивна сезона на респираторни инфекции препорачуваме задолжително носење маски во здравствените установи, во домовите кои згрижуваат стари лица, и од страна на персоналот и од страна на згрижените лица и пациентите, и препорачуваме забрана на посетите во болниците и во домовите кои згрижуваат стари лица. За останатите препорачуваме совесно делување, тогаш кога ќе се осетат дека се болни да носат маски да избегнуваат гужви и затворен простор бидејќи на тој начин можеме да се заштитиме и да ги олесниме симптомите“, рече претседателот на Комисијата Петличковски.
Тој рече дека веќе има шест смртни случаи на заразени со грип, што за нив не е мала бројка и ги повика ранливите категории, лицата над 65-годишна возраст и оние со други болести кои се подложни на грипот, а не се вакцинирале, да се јават во вакциналните пунктови оти има вакцини.
Препораките ќе бидат испратени на министерот, па од таму во Влада, но Петличковски вели дека граѓаните, за не мора да чекаат да бидат изгласани туку едноставно да стават маски за да се заштитат. Тие и минатата недела ги дале истите препораки, но не стигнале до Влада.
Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ рече дека сите шестмина починати од грип, починале на инфективната клиника, не биле вакцинирани и имале и други болести. Таа апелираше секој настинат, дури и со благи симптоми да остане дома или да се држи настрана од интензивни комуникации и да носи маска оти веќе се покажа дека маската може да заштити.
Во амбулантите на Инфективната клиника дневно се прегледуваат по 60-100 пациенти.
„Сезоната е за грип. Бројките очекувано растат. Кај да е ќе го постигнеме пикот и сите треба да бидеме внимателни. Формите се најчесто лесни, може да се лекуваат дома, но секогаш има и пациенти со тешка слика на грип“, рече директорката Стевановиќ.
Двата случаи на голема кашлица не се загрижувачки според Комисијата, но Петличковски ги повика родителите кои пропуштиле вакцинација на децата да го направат тоа оти големата кашлица е најопасна токму за малите деца.
Текстот По шест смртни случаи од грип Комисијата препорача: маските задолжителни во болниците и домовите за стари лица и забрана за посети е превземен од МАКФАКС.