Првиот лет од Софија до Скопје на 11 февруари, со него доаѓа бугарска делегација

пред 3 години

Првиот лет од Софија до Скопје пристигнува на 11 февруари, при што со бугарска делегација предводена од министерот за транспорт и комуникации на Бугарија, Николај Сабев, придружуван од бугарските тур-оператори, ќе оствариме заедничка средба и ќе разговараме за отворање на нови можности за нашите граѓани и за воспоставување на авиолинијата Скопје – Софија како редовна, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска од Кочани, при увид во изградба на социјална зграда.

Бочварски очекува авиолинијата да ги поврзе двата главни града и да започне редовно да оперира од почетокот на месец март.

Тур -операторите од двете земји, на заедничката средба, ќе понудат и трета дестинација, дополнување од летот Софија – Скопје, која треба да понуди нови можности за нашите граѓани, а ќе донесе како туристички, така и економски бенефит.

„На 10 февруари во Софија ќе имам работна средба со министерот Сабев, заедно со нашите тимови од Комисијата за транспорт и инфраструктура, а веќе наредниот ден на 11 февруари, ќе се реализира првиот лет Софија -Скопје, каде министерот, со бугарските тур-оператори ќе пристигнат во Скопје. На заедничката средба, тука кај нас, вклучително и со нашите тур-оператори, ќе разговараме за воспоставување на оваа линија како редовна, со која ќе овозможиме нови поволности и најдобри солуции за нашите граѓани. Имаме и заинтересирана авиокомпанија за реализација на оваа авиолинија и очекувам таа да стане редовна од почетокот на месец март“, изјави министерот Бочварски.

Иницијативата е дел од договорите и разговорите кои во последниот месец се интензивираа помеѓу Владите на Северна Македонија и Бугарија, со цел развивање на економијата, туризмот и комуникациите меѓу двете земји.

Бочварски при увидот на изградба на социјалната зграда во Кочани, каде се градат 34 социјални станови рече дека очекува зградата да биде готова до крајот на годинава.

Share
Scroll to Top