Првите вакцини во земјава ќе бидат од „АстраЗенека“, се очекуваат во март

пред 3 години

Вакцините на АстраЗенека први ќе стигнат во земјава преку КОВАКС системот и тоа во март.

Од КОВАКС информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

Дополнително од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Фајзер/БНТ162б2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Фајзер вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.

Министерството за здравство, потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Северна Македонија треба да ги добие. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата.

Во однос на вакцинирањето, како што се наведува, земјава има развиена безбедена и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

„ За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници“ соопшти Министерството.

Оттаму додаваат дека системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против Ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Share
Scroll to Top