Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија ја усвоија потребата од донесување на новиот Предлог Закон за Судски совет кој претставува основа за суштинска реформа во правосудството. Предлог законот доби поддршка од сите членови на комисиите, вклучително и од опозицијата.
Министерот за правда , Игор Филков образложувајќи ја потребата од носење на законот истакна дека со него се поставуваат темелите на независна и функционална судска власт, што е предуслов за владеењето на правото.
„Денеска почнуваме со сетот реформски закони – нешто што сме го ветиле на изборите и го испорачуваме пред граѓаните.Постоечкиот закон од 2019 година, според сите релевантни анализи – Европската комисија, Стејт департментот, експертската јавност и граѓанскиот сектор укажаа на сериозни недостатоци:
Недоволна транспарентност при избор и разрешување на судии,
Можност за политичко влијание,
Нејасни критериуми за избор и оценување на судиите,
Неефикасни механизми за утврдување одговорност на членовите на Советот и на самите судии, што често во минатото доведуваше до кочење на работата на Советот, проследено со немили сцени во јавноста што секако влијаеше на кредибилитетот и интегритетот на самата институција”, рече Филков.
Овие слабости, како што посочи министерот, ја наметнале потребата од целосно редефинирање на положбата, надлежностите и критериумите за работа на Судскиот совет, со јасна цел – враќање на довербата во правосудството.
,,Со овој закон во Министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес. Фокусот на изготвувањето на законите е, донесување на квалитетни законски решенија – нешто што досега не било пракса во Министерството за правда,” потенцира Филков.
Клучни новини во предложениот Закон се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ.
Министерството за правда спроведе транспарентен процес на изработка на законот:
-Експертска оценска мисија на Европската комисија (септември–декември 2023),
-Јавни консултации низ државата (ноември–декември 2024),
-Работна група составена од експерти, судии, членови на Советот и граѓанскиот сектор (2025),
-Објавување на нацрт-законот на ЕНЕР и разгледување на сите пристигнати коментари,
-Комплетна интеграција на препораките на Венецијанската комисија (јуни 2025).
Предлог Законот за Судски совет ќе се најде на дневен ред на собраниска седница на 16 декември.
Текстот Предлог-Законот за Судски совет едногласно го помина првиот собраниски филтер, поддршка доби и од опозицијата е превземен од МАКФАКС.






