Пресечен меѓународен канал за трговија со дрога

пред 3 години

Во текот на вчерашниот ден, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и коруција е спроведена акција во која полициските службеници од Министерството за внатрешни работи запленија 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1105 килограми.

Во акцијата се приведени две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, за кои постои основано сомнение за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Предметниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двајцата осомничени.

Во текот на денешниот ден приведените лица ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во кривичниот суд. Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење на опасност осомничените да се дадат во бегство, да се сокријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор.

„Според лабораториските резултати добиени од примерок од пратката, станува збор за супстанца – прекурзор „1 Phenyl – 2 Propanone“ што според член 3 од Законот за прекурзори спаѓа во прва категорија согласно ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, истата е на листата за прекузори објавена од Министерството за здравство на која се наоѓаат сите недозволени хемиски материи што се надвор од легитимниот промет. Оваа хемиска материја позната уште и како Phenylacetone и Benzyl Methyl Ketone BMK (P2P) претставува прв прекурзор за добивање на амфетамински тип на стимуланс и се користи за илегално изработување на амфетамин, метамфетамин и МДМА – таблети екстази. Според првични проценки со запленетата количина на прекурсорот би се произвел амфетамин во вредност од над 50 милиони евра“, велат од Обвинителството.

Акцијата е резултат на меѓународна соработка со цел да се открие криминалната група и лицата што вршат недозволена трговија со дрога, како и сите аспекти поврзани со оваа криминална активност.

Share
Scroll to Top