Прес-конференција на владините портпароли: 16 Авганистанци со привремен престој заминаа во Канада како крајна дестинација

пред 3 години

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на 11 и 12 седница на Владата.

На прес-конференцијата беше соопштено дека група од 16 граѓани на Авганистан, за кои во изминатиот период Северна Македонија обезбеди привремен престој, утринава со лет преку Истанбул, заминале за Канада, која им обезбедила престој на вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ (Open Government Partnership – OGP).

Портпаролите информираа и за одлуката на Владата за одобрување средства во износ од 2,9 милијарди денари на АД ЕСМ, за обезбедување финансии за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.

Со оваа одлука, како што истакнаа, се задолжува АД ЕСМ овие средства да ги искористи за реализација на мерките за обезбедување дополнителни количини на електрична енергија.

Портпаролите информираа дека Владата донела Уредба за организацијата и функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на републиката – Е-112.

Со него се обезбедува брзина и ефикасност во постапувањето при итни повици за итни случаи за помош и се овозможува достапност до системот на сите лица на територијата на Северна Македонија, без надоместок од сите телефонски мобилни или фиксни оператори.

Владата донела и заклучок да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на Предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење“.

Портпаролите соопштија дека Владата ги усвоила измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет со кои најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари, и со кој во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.

Share
Scroll to Top