Претреси во Дојран по наводите за фалсификување на сертификати во казино

пред 2 години

Полициски службеници вчера, а по претходно добиена судска наредба од Основен суд Гевгелија, извршија претреси на три локации поради наводите за фалсификување сертификати во казино во Дојран.

„Извршени се претреси кај три правни лица, при што е одземена службена медицинска документација која се однесува на извршени тестирања за присуство на Ковид 19, извршени претежно на лица од странство, одземен е електронски дневни (книга) на издадени сертификати за периодот од 19.12.2021 до денот на претресот, а исто така извршени се службени разговори со две лица“, информираат од МВР.

При претресот извршен е увид и преглед во компјутерската евиденција (списоци на грчки државјани кои се пријавиле за тестирање), како и во просториите на импровизираниот медицински пункт во казиното во Стар Дојран.

По насоки на јавен обвинител целокупната одземена документација ќе биде доставена до ОЈО Гевгелија за нивно постапување, а МВР ќе ги преземе сите мерки и активности за кои ќе добие насоки од надлежното обвинителство со цел расчистување на случајот.

Вчера грчката телевизија Опен објави видео-сторија за казино во Дојран кое наводно издава фалсификувани ковид-сертификати. Во прилогот на телевизијата во сопственост на грчко-руски бизнисмен Иван Савидис се тврди дека извесно казино во близина на граничниот премин Дојран-Дојрани на македонска територија им обезбедува бесплатен лажен негативен тест на своите посетители со кој тие можат бебзбедно да се вратат во Грција.

Целта на сопственикот на казиното, како што тврди телевизија Опен, била да привлече што поголем број клиенти овозможувајќи им олеснето поминување на граничните контроли.

Share
Scroll to Top