Трагедијата во скопската населба Карпош, во која згаснаа животи на мајка и дете го отвора прашањето за сериозните пропусти на МВР за заштита од семејно насилство и повикува на одговорност, велат од СДСМ.
Овој случај, како што велат, е болен доказ за неуспех на МВР да се заштитат човечки животи.
„Две години биле пријавувани случаи на семејно, физичко и психичко насилство. Вкупно 12 пријави имало за сторителот, кој имал и други обвиненија и пријави, а во последниот случај кај него била пронајдена и дрога.
МВР било алармирано, постоеле пријави, имало сознанија и индиции за сериозен ризик. Но со несоодветна и ненавремена реакција не ги заштитиле жртвите.
Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР“.
Според СДСМ, со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност – дури и кога пријавата е повлечена. Не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето и безбедноста на жртвата.
„Значи полицијата морарла да постапи. Дополнително, МВР е обврзано да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
За жал, ова не е изолиран случај.
Само пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, иако претходно пријавувала насилство. И тогаш МВР не реагираше навреме. Само во 2026 година веќе се изгубени четири човечки животи поради родово базирано и семејно насилство“.
СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и темелна истрага која со име и презиме ќе ја утврди одговорноста кај сите службени лица – во МВР.
„Проблемот почнува од врвот. Додека други молчат – СДСМ нема да молчи“.
Текстот Проблемот почнува од врвот, оставка од Тошковски поради изгубените животи, бара СДСМ е превземен од МАКФАКС.






