Промовирана книгата „Планински врвови во Македонија“

пред 3 години

Викендов беше одржана промоцијата на книгата „Планински врвови во Македонија“, која претставува збирка од 60 планински врвови во Македонија, искачени во рамки на V-те сезони на Планинарскиот предизвик „12 Врвови“ (2016 – 2021).

Книгата беше претставена во рамки на планинарската акција за искачување на врвот Лисец висок 1935 м.н.в. на планината Голешница, каде што и започна Планинарскиот предизвик.

Во книгата „Планински врвови во Македонија“, кој е испечатена целосно во боја на 184 страници, за секој планински врв може да се прочитате општи податоци за неговата местоположба, височина, природни географски одлики и културно-историски факти, извештај од спроведените акции за нивното искачување и важни податоци за планинарските патеки со нивната должина и тежина, пристап и услови во местото и околината поткрепени со слики и 48 географски карти во боја со планинарските патеки од турите. Дополнително во оваа книга како додаток се наоѓа и детален опис на движењето на патеката и делниците (по денови) на Западна Македонска Трансверзала (ЗМТ) – Првата македонска планинарска трансверзала, врвот Кабаш на Кораб и патеката Вргањ на Попова Шапка.

Воедно, во книгата се собрани, преточени и пренесени сите податоци собрани во рамки на спроведувањето на планинарскиот предизвик „12 Врвови“, каде во 5-те досегашни сезони се искачени 60-ина врвови при што се пробиени и обележани 45 нови планинарски патеки во должина од над 762,4 километри од вкупно 1202,9 изодени километри на турите на кои се посетени 26 природни планински езера, 18 водопади, 8 пештери, 8 стари цркви и манастири и 9 древни македонски старини (ископини), наоѓалишта и важни места од македонската историја и култура како и неколку други природни реткости и знаменитости, а во неколку наврати беа засадени и над 500 зимзелени садници.

Целта на ова издание и книга, како своевиден водич е од ваквото сеопфатно петгодишно уживање и истражување на планините во Македонија да се споделуват податоците, кои ќе придонесат и послужат за понатамошно посетување, уживање и вреднување од планинарите, туристите и пошироката домашна и странска јавност со далекусежен добробит и придонес кон Македонија.

Книгата „Планински врвови во Македонија“ е во издание на здружението „Единствена Македонија“ во соработка со планинарското друштво Трансвезалец.