Министерството за локална самоуправа денеска беше домаќин на настанот за промоција на Ресурсниот центар за развој на општините. На настанот свои воведни обраќања имаа ресорниот министер, Златко Перински, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации –УНДП, Армен Григорјан.
„Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик“, нагласи Перински.
На настанот, покрај градоначалниците, присуствуваа и ректорката на УКИМ, главниот државен ревизор, експерти од различни области, претставници на донаторски организации и други државни институции.
„Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици, преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати“ , истакна Мицкоски.
Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот. „Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности.“, истакна амбасадорот Зомер.
Текстот Промовиран Ресурсниот центар за развој на општините е превземен од МАКФАКС.





