Протест за „Монструм“: Превртени контејнери, демонстрантите маваа со камења кон полицијата

пред 4 години

Роднините на обвинитите во случајот „Монструм“, на денешниот протест превртуваа контејнери, со камења фрлаа кон полициските возила, скандираа „УЧК, УЧК“, изразувајќи го револтот против барањето на Обвинителството да им се изречат највисоки казни на обвинетите.

Демонстрантите побараа обвинителката Фатиме Фетаи да биде разрешена. Носеа транспаренти и знамиња, маршираа од населбата Чаир до Обвинителството, при што во еден момент ситуацијата излезе од контрола. Тие го искршија стаклото од влезната врата на Министерството за надворешни работи, но по ова реагираа организаторите и протестот заврши.

На протестот се обрати еден од роднините на обвнитетите кој порача дека не се убијци и дека не сториле дело тероризам.

„Ние сме граѓани тука, од Македонија, не сме имале никогаш проблеми, ниту со соседите. Ние, нашите семејства не сме едуцирани да убиваме, а најмалку да направиме терористички чин. Ние го осудуваме овој чин, но не сакаме да не најдат како случајна жртва за да понесеме одговорност”, рече Бедри Ајдари, еден од роднините на обвинетите во „Монструм“

Инаку случајот во јавноста познат како „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На лице место беа убиени четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45 годишниот Борче Стевковски од селото Црешево. Обдукцијата покажа дека во нив е пукано од три типа огнено оружје.

Share
Scroll to Top