Протест за поддршка на жртвите на „Јавна соба“

пред 3 години

Платформата за родова еднаквост за денеска организира протестен марш за поддршка на сите жртви на криминалната група „Јавна соба“. Ќе се маршира од Министерство за внатрешни работи до Јавното обвинителство.

„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело, во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и за сите членови што праќале и сè уште праќаат фотографии и им пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции. Неколку приведени членови и санирањето на штетите нема да нè замолчат“, стои во повикот објавен на социјалните мрежи.

Маршот ќе почне во 14.30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство.

„На двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на ‘Јавна соба’, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и да побараат правда. Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно“, велат од платформата за родова еднаквост.

Најавуваат дека на маршот ќе бидат почитувани сите протоколи за безбедност, односно ќе се носат маски и ќе се држи дистанца, а ќе бидат ангажирани соодветен број редари, кои ќе бидат задолжени мерките за заштита од коронавирусот да се почитуваат од почеток до крај.

Share
Scroll to Top