Радев за Македонија: Не можеме да внесеме нерешени проблеми во ЕУ и да ја легитимираме омразата кон Бугарија

пред 3 години

Според бугарскиот претседател, Румен Радев, преговорите за Македонија во ЕУ би значеле внесување на нерешени проблеми во Унијата и легитимирање на омразата кон Бугарија.

Радев вели дека очекува бугарската влада да се избори за Поглавјето 35 од преговарачката рамка, што ќе ја вклучува целата нивна национална позиција, усвоена од бугарскиот парламент, како јасно препознатливи критериуми што треба да се следат во текот на процесот на преговори. Сепак, како што вели Радев, ова се чини се помалку веројатно и има само еден излез – одложување на преговорите додека не се постигне јасен и обврзувачки договор за расчистување на сите билатерални прашања со Република Северна Македонија.

„Членството на РС Македонија во ЕУ е исклучително важно за нашиот регион и Бугарија секогаш го поддржуваше тоа, но ние мора да имаме јасни гаранции дека нашето единство како бугарска нација и културното наследство никогаш нема да бидат доведени во прашање од надворешни фактори.

Како одговорна земја-членка на ЕУ, не смееме и не можеме да си дозволиме да внесуваме нови, нерешени прашања во ЕУ. Не можеме да дадеме легитимитет на омразата кон Бугарија. Како нација која се самопочитува, 3 години по потпишувањето на Договорот за добрососедство, не можеме да гледаме текстови во учебници, музеи, споменици и навредливи и недозволиви формулации во врска со Бугарија. Не можеме да го ставиме под хипотека нашиот национален идентитет“, рече Радев.

Бугарскиот претседател најави и дека на оваа тема ќе разговара денес со неговиот германски колега.

Share
Scroll to Top