Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата

Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата

пред 3 часа

Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.

„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.

Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.

„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!

Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.

Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.

Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.

Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.

„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.

Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.

Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

Текстот Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top