Реџепи: Самоволно се засолнив на денот на гласање, се плашев за мојата безбедност

пред 2 години

Пратеникот Кастриот Реџепи кажа дека самоволно се засолнил на денот на гласање. Тој вели дека чекорот не бил лесен, особено поради разликите кои ги имал со неговите сопартијци од БЕСА кои го исклучија од партијата, ден откако тој не се појави на гласањето за недоверба на Владата.

Посочи дека планирал да дојде да гласа за опстанок на Владата и против изгласување на недоверба, но тоа не го направил бидејќи ќе бил сам во салата.

„Проценувајќи ја целата состојба, затоа што се знаеше дека немаше да присуствуваат пратеници од мнозинството, ќе бев единствениот пратеник внатре, кој ќе требаше да гласа против нешто, против една еуфорија која брзо се одвиваше. Не бев сигурен дека мојата сигурност, дека немаше да бидам нападнат вербално, па и физички. Во овој состав, имало такви случаи. Јас тоа не го најавив ниту на семејството, но нормално во текот на денот додека ми биле исклучени телефоните сум добил пораки кои се пријавени во институциите. Поради проценка на ситуацијата, затоа имам обезбедување, а не на мое барање“, кажа Кастриот.

Тој не кажа од кого се заканувачките пораки кои ги добил, бидејќи истите се пријавени.

„Да им честитам на сите граѓани, што земјата уште еднаш го избра вистинскиот, западниот пат. Јас сум мирен и со чиста совест, бидејќи нема подобро од тоа својата држава да ја носиш на патот кон НАТО и ЕУ. За да нема спинови, јас Кастриот Реџепи, сојузник на своите сограѓани, Албанците и Македонците, стратешки сојузник на САД, во интерес на Македонија, самоволно и одлучно се засолнив на денот на гласање, за да не дозволам земјата да ни отиде во правец спротивен на моите идеолошки убедувања. Не е лесно да имаш суштински разлики во ставовите со сопартијците, но кога САД велат дека има можност за ЕУ интеграции, срцето и умот велат дека: „Некој мора да пресече за доброто на иднината“. Не за нови избори, не за нови поделби, туку стабилно мнозинство, брза реконструкција на Владата ако е неопходна и многу работа“, кажа Реџепи.

Share
Scroll to Top