Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено – рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.
-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители – порача Стојанова.
На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.
За понеделник е закажано и ново судско рочиште за загинатите во дискотеката „Пулс“.
Текстот Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка е превземен од МАКФАКС.





