Рот на средбата со Димитров: Германија e на ваша страна

пред 3 години

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска беше домаќин на германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој се наоѓа во дводневна посета на Северна Македонија.

Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, на средбата Димитров се осврнал на главните реформи во контекст на европската интеграција, како и иницијативите за отстранување на пречките за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.

„Предлогот од португалското претседателство со Советот на Европската Унија од наша страна беше оценет како добра основа за конечно решение. Јас сум убеден дека со добра волја од двете страни можеме да најдеме едно европско решение коешто ќе се темели на европските принципи. Имаме многу заеднички интереси, често зборуваме за заедничка историја, меѓутоа треба да работиме и за заедничка европска иднина. Така што ако мислиме на сѐ ова што нѐ поврзува, и на македонско-бугарското пријателство, мислам дека со добра волја и пристап од двете страни ова е возможно. Имаме одговорност спрема сегашната генерација, имаме одговорност спрема идните генерации. Мора двата соседа да бидат победници затоа што статус квото, одолговлекувањето на проблемот, прави од нас губитници“, порачал македонскиот вицепремиер.

Министерот Рот истакнал дека од германска страна постои решителен став за неодложно отворање на пристапните преговори, кои, како што рекол, одамна се заслужени.

„Ние за време на германското претседателство со Советот на ЕУ се обидовме да постигнеме голем напредок бидејќи вие драги Македонци тоа го заслуживте. Вашата земја постигна голем напредок, се охрабривте да решите еден голем историски спор и легитимно е да очекувате ние од страна на ЕУ да ги исполниме нашите ветувања. И сакам да Ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку дека и партнерите во ЕУ исто како и претходно се за конкретна перспектива за сите, се чувствуваат обврзани за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан. Сега работиме на тоа, сега за време на португалското претседателство со Советот на ЕУ тоа да може да успее и јас сум оптимист. Цврсто сум убеден во тоа дека ако сега не испорачаме како ЕУ, дека тогаш оваа динамика, оваа доверба ќе биде изгубена“, нагласил германскиот министер.

Share
Scroll to Top