Савески и Тошковски договорија конкретни мерки за итно постапување во случаите на семејно насилство

Савески и Тошковски договорија конкретни мерки за итно постапување во случаите на семејно насилство

пред 1 час

Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска се одржа работен состанок на јавниот обвинител Ненад Савески со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, на кој беа договорени конкретни мерки за координирано, итно и ефикасно постапување во случаите на семејно насилство, соопштија од Обвинителството.

„Во услови на загрижувачки трендови кај кривичните дела поврзани со семејното насилство, трите институции утврдија приоритетни активности насочени кон унапредување на превенцијата, обезбедување навремена заштита на жртвите и поефикасно откривање и кривично гонење на сторителите. Согласно договорениот протокол, при секој евидентиран настан, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на пријавата ќе го известува надлежното јавно обвинителство. Јавниот обвинител ќе ја координира работата на тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа, со цел навремено и синхронизирано постапување“, се наведува во соопштението.

Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризиците и прибирање на сите потребни докази, со што ќе се создадат услови за брзо донесување јавнообвинителска одлука и преземање соодветни дејствија за кривичен прогон.

Државниот обвинител Савески и министрите Тошковски и Велковски договорија воспоставување контакт точки во трите институции, преку определени лица кои ќе бидат постојано достапни за меѓусебна комуникација, координација и давање итни насоки. Постапувањето ќе се одвива согласно стандардизирани процедури, со јасно утврдени надлежности и одговорности.

„Со зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка се очекува да се обезбеди побрза реакција во секој поединечен случај, навремено преземање мерки за заштита и згрижување на жртвите, како и ефикасно процесуирање на сторителите пред надлежните судови. Институциите остануваат посветени на доследно и навремено постапување по сите случаи на семејно насилство, постапувајќи во тесна координација, со цел заштита на жртвите и обезбедување одговорност за сторителите“, соопшти ЈОРМ.

Текстот Савески и Тошковски договорија конкретни мерки за итно постапување во случаите на семејно насилство е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top