Владата е целосно свесна дека следниот период е критичен за реализацијата на реформите, особено во контекст на роковите и на чекорите што се во грејс-период до јуни 2026 година, рекол првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на средбата Сигрид Бретел, раководителка на единицата во Генералниот директорат за проширување и Источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија.
Од Министерството информираа дека на средбата било разговарано за напредокот во спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, како и за тековната координација со Европската комисија во однос на исполнувањето на реформските чекори.
„Министерот Сали информираше дека институциите продолжуваат активно да работат на реализацијата на реформските обврски и дека се очекува позитивен напредок во однос на исполнувањето на чекорите поврзани со третото барање за ослободување на средства. Тој нагласи дека Владата е целосно свесна дека следниот период е критичен за реализацијата на реформите, особено во контекст на роковите и на чекорите што се во грејс-период до јуни 2026 година“, се наведува во соопштението.
На состанокот било поздравено и продолжувањето на редовната координација со службите на Европската комисија, вклучително и месечните координативни состаноци и мониторинг-сесиите, кои се важни за навремено исполнување на обврските и спречување на евентуално губење на средства.
Соговорниците разговарале и за напредокот во подготовката на патоказите поврзани со владеењето на правото, јавната администрација и странските директни инвестиции, како и за Акцискиот план за правата на заедниците. Било истакнато дека по добивањето на мислењата од експертите и завршувањето на јавните консултации, документите ќе бидат финализирани и доставени на усвојување до Владата.
Во рамки на разговорот биле разгледани и прашања поврзани со усогласувањето на националното законодавство со правото на Европската унија, вклучително и законските решенија во областа на правосудството и електронските комуникации, како и напредокот во подготовките за иницијативата „Roam Like at Home“.
„Двајцата соговорници ја нагласија важноста од продолжување на блиската соработка меѓу институциите на Северна Македонија и Европската комисија со цел одржување на реформската динамика и унапредување на процесот на европска интеграција“, се наведува во соопштението.
Текстот Сали: Владата е целосно свесна дека следниот период е критичен за реализацијата на реформите е превземен од МАКФАКС.





