Првиот заменик на Претседателот на Владата и Министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на дискусија посветена на дигиталната трансформација и поддршката на општините во процесот на европска интеграција.
Во своето обраќање, Сали нагласи дека европската интеграција мора да биде видлива за граѓаните преку конкретни, функционални и достапни услуги на локално ниво.
„Наш приоритет е да ги претвориме европските политики – од acquis, Реформската агенда и ИПА програмите – во практични дигитални решенија за општините, како што се е-дозволи, дигитално урбанистичко планирање, локални даночни системи и услуги за животна средина“, истакна Сали.
Тој додаде дека Министерството работи на воспоставување на стандардизирана дигитална архитектура, која ќе овозможи интероперабилни системи, заеднички платформи и усогласеност со европските стандарди, со што ќе се избегне фрагментација и ќе се намалат трошоците.
Во однос на поддршката за општините, министерот потенцираше дека фокусот е ставен на конкретни механизми, вклучително и техничка помош преку ИПА, поедноставување на процедурите и развој на советодавни и координациски платформи.
„Целта е јасна – да го затвориме јазот помеѓу идеите и имплементацијата, и да обезбедиме проектите да се претворат во реални услуги за граѓаните и бизнисите“, нагласи Сали.
Текстот Сали: Европската интеграција мора да се претвори во конкретни дигитални услуги за граѓаните е превземен од МАКФАКС.





