Со доделување на признанија на тринаесет најдобри наставници од предучилишното, основното и средното образование за учебната 2025-2026 година, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветни работници го одбележаа 5 Октомври – Светскиот ден на учителите.
Признанијата ги доделија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и претседателката на Сојузот, Жаклина Ристовска. Во своето обраќање, Јаневска им го честиташе празникот на сите наставници, изразувајќи благодарност за споделувањето на знаењето, трудот, трпението и посветеноста во процесот на обликување на младите.
„Квалитетни наставници има многу. Но, меѓу нив, Сојузот ги избра оние кои со своите резултати, признанија, награди и посветена работа во изминатата учебна 2025-2026 година се издвоиле како пример за професионалност и посветеност. Ова признание нека биде причина да бидете горди на тоа што го постигнавте, но и мотив да продолжите да работите со ист ентузијазам. Споделувајте ги своите знаења и искуства со колегите и покажувајте како се создаваат добри ученици и добри генерации, бидејќи преку нив создаваме стабилна иднина на нашата држава“, им порача Јаневска на наградените наставници.
Посочи дека МОН и Владата се грижат за сите наставници да бидат што позадоволни од работата што секојдневно ја вршат и во таа насока. „За две години платите во училиштата се зголемени за над 20%, а во високото за 14%. Мерките за кариерно напредување ги искористија над 300 наставници и стручни соработници кои се унапредени во звање ментор или советник, а преку обуки на Бирото за развој на образованието и други партнерски институции и организации, се овозможува нивен континуиран професионален развој. Во подобри услови за настава и работа се вложени над 70 милиони евра, обезбеден е нов електронски дневник, нови дигитални алатки и помагала и подобрена е дигиталната инфраструктура“, рече Јаневска.
„Без разлика на инфраструктурата, технологијата или инвестициите, најважниот дел од секое училиште останува – наставникот. Од вас очекувам да останете енергични, посветени и да бидете двигатели на образованието. Да бидете партнери на Министерството, но и партнери на родителите и на учениците. Но, пред сè, да го зачувате и истакнете авторитетот на наставникот. Барајте заложба, труд и одговорност од децата и оценувајте реално, затоа што реалната оценка не е казна, таа е насока за напредок“, рече Јаневска.
Признание за најдобар просветен работник во предучилишното образование доби Клементина Петрушевска, воспитувач во детската градинка „Весели Цветови“ во Кисела Вода.
Во одделенска настава во основното образование за најдобри наставници се прогласени Соња Трифуновска од ОУ „Гоце Делчев“ – Тетово, Виолета Поповска од ОУ „Вера Јоциќ“ – Гази Баба, Габриела Мерџаноска од ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар, Ксенија Николова од ОУ „Гоце Делчев“ – Босилово и Весна Тодоровска – Унковска од ОУ„Партенија Зографски“ – Кисела Вода.
Во предметна настава, признанија добија Томе Китановски од ОУ „Гоце Делчев“ – Василево, Бојанка Џипунова – Ташова од ОУ „Васил Главинов“ – Велес, Вера Зороска од ОУ „Христо Узунов“ – Охрид, Оливера Шиклеска – Грозданова од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола и Благица Чатлеска од ОУ „Гоце Делчев“ – Прилеп.
Во средното образование за најдобар наставник е избран Никола Делевски од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Никола Карев“ – Струмица, а постхумно признание беше доделено на Слаѓан Станковиќ – Битрак, кој беше дел од наставниот кадар во СОУ „Наце Буѓониʺ – Куманово и „Математичко – информатичка гимназијаʺ во Скопје.
Текстот Светски ден на учителите – доделени признанија на 13 најдобри наставници за учебната 2025-2026 година е превземен од МАКФАКС.





