СДСМ: Влатко Ѓорчев како баба рога на прес – конференција сее страв

пред 3 години

ВМРО-ДПМНЕ залудно се обидува да профитира сеејќи страв и паника кај граѓаните, наредната недела започнува вакцинацијата. Влатко Ѓорчев како баба рога на прес – конференција сее страв, а заборави дека тој како дел од режимот на ВМРО-ДПМНЕ со негрижата и коруптивното 11-годишно владеење предизвика хаос во здравствениот систем, реагира СДСМ на барањата за оставка на премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче од страна на Влатко Ѓорчев.

„ВМРО-ДПМНЕ во услови на пандемија, кога целиот свет се соочува во непознат вирус, кој за жал зема жртви, излегува со истрошени пресови и залудно се обидува политички да профитира внесувајќи страв и паника кај граѓаните. Влатко Ѓорчев како баба рога на прес конференција сее страв, а заборави дека тој какодел од режимот на ВМРО-ДПМНЕ со негрижата и коруптивното 11-годишно владеење предизвика хаос во здравствениот систем. ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја остави здравствената инфраструктура да пропаѓа, не вложуваше ниту во медицинскиот кадар, единствено профитираше од коруптивни зделки во здравството“, се наведува во реакцијата.

Таквиот однос, додаваат од СДСМ, го наруши угледот на државата и здравствениот систем, нешто што, како што велат, СДСМ и институциите што ги предводи, со сите сили се обидуваат да го поправат, да ја вратат довербата во македонското здравство.

Од СДСМ велат дека и покрај глобалните предизвици за набавка на вакцини, вакцините се обезбедени, имунизацијата на населението започнува наредната недела, откако со донацијата на вакцините од Србија се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите.

„Утре се очекуваат првите количества од руската вакцина Спутник V. Потврдено е пристигнување на 21 илјади дози од Фајзер до крајот на март, кога преку КОВАКС треба да стигнат и првите количини вакцини од „Астра-Зенека“, меѓу 20 и 30 илјади дози. За кинеската вакцина, се очекува тајминг за пристигнување, откако се завршени сите потребни административни работи. Но и покрај вакцинацијата се уште треба да се почитуваат мерките за превенција од коронавирусот, кои ВМРО-ДПМНЕ, ако се грижеше за здравјето на граѓаните немаше да ги крши и да организира масовни собири, на кои не се почитуваа протоколите за заштита“, велат од партијата.

Додека Мицкоски кршеше мерки, додаваат од СДСМ, одеше кришум по кафеани и теретани, додека ВМРО-ДПМНЕ организираше јавни собири, здравствените работници деноноќно се бореа против коронавирусот.

„Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижат за здравјето на граѓаните покажаа со кочење на заемот за опремување на болниците, со оцрнување на здравствениот систем, а од друга страна ги поттикнуваа граѓаните да не ги почитуваат мерките. ВМРО-ДПМНЕ со морбидни перформанси си поигруваа и се потсмеваа со судбините на починатите и заболените“, се наведува во реакцијата.

Share
Scroll to Top