СДСМ обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски цела недела не презема никакви мерки за намалување на цените на горивата, и покрај, како што велат, растечкиот притисок врз животниот стандард на граѓаните.
Од партијата предупредуваат дека поскапувањето на горивата директно ќе се одрази и врз цените на другите производи. Според нив, во маркетите веќе се чувствува притисокот врз цените, а цената на маслото за јадење надминала 100 денари.
„Дали Владата на Мицкоски намерно дозволува ваква состојба за да профитира од високите даноци или станува збор за неспособност?“, прашуваат од СДСМ.
Од опозициската партија велат дека веќе предложиле пакет мерки, меѓу кои намалување на ДДВ за горивата од 18 на 5 проценти, намалување на акцизата за четири денари и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи.
Според нив, овие мерки долгорочно би придонеле за намалување на цените и олеснување на трошоците за граѓаните.
Од СДСМ тврдат дека само со последното покачување на цената на дизелот за 14 денари, граѓаните оваа недела платиле околу три милиони евра повеќе.
Партијата предупредува и на можен дополнителен раст на цените на нафтата, доколку конфликтот во Иран потрае подолг период. Според нивните проценки, доколку кризата трае три месеци, цената на нафтата би можела да достигне 150 до 160 долари за барел.
Од СДСМ оценуваат дека доколку Владата не преземе мерки за ограничување на растот, цените ќе продолжат да растат и подоцна ќе биде тешко да се вратат на пониско ниво, дури и ако дојде до стабилизација на светските пазари.
Текстот СДСМ: Граѓаните платиле 3 милиони евра повеќе поради поскапувањето на дизелот е превземен од МАКФАКС.






