СДСМ да го каже ставот за една изборна единица, порача Арсовски

пред 3 години

Се’ уште го немаме слушнато ставот на СДСМ по однос на Изборниот законик. Од една страна ги манипулираат нивните коалициони партнери и помалите партии дека се за предлогот една изборна единица, а од друга страна се согласуваат дека техничката Влада се покажа како неуспешна. Ова го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, одговарајќи на новинарски прашања.

Тој оцени дека позициите на СДСМ по ова прашање се нејасни, а истовремено владејачката партија, како што рече, бега и од избори стравувајќи од пораз.

„Еве уште еднаш јавно прашуваме кој е ставот на СДСМ? Јасно и гласно да го кажат во однос на Изборниот законик и едната изборна единица, за конечно да прекинат да ги манипулираат нивните коалициони партнери и помали партии“, рече Арсовски.

Прашан и како ВМРО -ДПМНЕ гледа на формирањето работни групи со Бугарија, но и дали може двете држави преку економијата да ги решат отворените прашања, Арсовски рече дека не може со сигурност да се каже дека економијата ќе ги реши проблемите, но таа може навистина да ги приближи двете држави во овој сектор.

„Економијата може да ги приближи двете држави во однос на економскиот дел, во однос на соработка помеѓу компаниите, бизнис секторот, стопанството и се останато. Во однос на тоа дали ќе се решат проблемите на двете држави – не можеме да бидеме сигурни и да знаеме. Сепак, можам да бидам сигурен дека економската соработка помеѓу двете држави ќе реши проблеми на илјадници граѓани кои што се без работа, кои што немаат работа, и нормално тоа може да иницира и отварање на нови работни места, каде што ќе се решат горливи проблеми на граѓаните во однос на нивната егзистенција“, рече Арсовски.

Share
Scroll to Top