СДСМ: Извештајот на ЕК го препозна напредокот во областа на правосудството

пред 3 години

Извештајот на ЕК го препозна напредокот во областа на правосудството, реформите продолжуваат, доаѓа време на ред, правда и дисциплина, велат од СДСМ. „Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, кој нотира напредок во областа на правосудството, изборите и борбата против корупцијата е доказ за посветеноста и потврда на успешните политики на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев. Истовремено, Извештајот е дополнителен мотив за парламентарното мнозинство, Владата, сите институции, да работат уште повеќе посветено на реформите што обезбедуваат силен, ефикасен и независен правосуден систем“, се наведува во соопштението. Европската комисија, додаваат од таму, во Извештајот јасно наведува дека со новиот Закон за јавно обвинителство, донесен во февруари 2020 година се обезбедува основа за професионален и непристрасен обвинителен систем, кој е поотпорен на политички и друг притисок, но и дека многу ќе зависи од неговата соодветна примена. „Извештајот понатаму наведува дека како резултат на реформите во изминатите години Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независно и одговорно судство и дека треба да се обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидуваат натамошни промени во оваа област. Во однос на владеење на правото и фундаментални права, односно Поглавје 23, Извештајот наведува дека државата има одредено ниво на подготвеност за почитување на ЕУ легислативата и европските стандарди во оваа област“, пишува во соопштението. Ова, додаваат од СДСМ, е потврда за успешноста на досегашните реформи и подготвеноста на СДСМ да продолжи посветено да работи на достигнување на европските стандарди. „Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на целосно прочистување на судството и ефикасно и неселективно владеење на правото“, се наведува во соопштението.

Share
Scroll to Top