СДСМ: Мицкоски зборува за европска иднина, а Македонија не се споменува во пораките на Марта Кос

СДСМ: Мицкоски зборува за европска иднина, а Македонија не се споменува во пораките на Марта Кос

пред 2 часа

Од СДСМ упатија критики до премиерот Христијан Мицкоски по неговото обраќање по повод 23 Октомври, обвинувајќи го дека наместо да ги спроведе потребните реформи и да го забрза евроинтеграцискиот процес, се занимава со прашања од минатото.

Од партијата посочија дека еврокомесарката за проширување Марта Кос во своите последни пораки за земјите од Западен Балкан не ја споменала Македонија, што, според нив, е показател за застојот на европскиот пат.

СДСМ побара од Мицкоски да ги заврши реформите и да овозможи напредок кон членството во ЕУ.

„Мицкоски по повод 23 Октомври порача дека Македонија мора да ја штити својата иднина, идентитетот и државните интереси. Рече дека верува во европската иднина, дека местото таму се гради со реформи и силни институции, и дека граѓаните се изморени од долгогодишното чекање.

Оваа иста недела еврокомесарката за проширување Марта Кос зборуваше за европската иднина на Балканот.

Црна Гора ја позиционира пред завршната фаза. Албанија ја повика да го задржи темпото на реформите. За Србија ги посочи изборите како клучни. Од Косово побара почитување на меѓународното право. Македонија не беше спомената.

Заштитата на идентитетот не се мери со говор. Се мери со тоа дали земјата напредува или стои во место.

Фон дер Лајен јасно кажа дека Европа ја чека Македонија со нејзиниот јазик и идентитет.

Условот остана ист: реформи и соработка со Канцеларијата на европскиот јавен обвинител пред членство. Тоа не е билатерално прашање. Тоа е европски услов.

Мицкоски вели дека не се занимава со “коски од минатото”, туку со иднина за децата.

Иднината се гради со независни институции, не со судство по телефон. Се гради со реформи што ги ветуваше до 1 јуни, а не ги заврши. Се гради со буџет што не се полни со нови кредити за да се плаќаат старите, и со граница што не пропушта товар без никаква одговорност.

Државните интереси не се штитат со изолација. Се штитат со место во Европа каде се одлучува и каде се живее подобро. Кога земјата не се споменува во пораките за проширување, тоа не е заштита. Тоа е резултат.

Граѓаните се изморени од чекање. Изморени се и од вадење коски од минатото. Нема повеќе причина за сеење меѓунационална омраза. Знаеме дека тоа служи за одржување на веќе целосно потонатиот рејтинг на Мицкоски и на слободниот пад на криминалната власт.

Време за чекање нема. Ако се чека и се вадат коски, во Македонија повеќе нема да има кој да го слуша Мицкоски за коски. Мигрантите, економските работници, тие 100.000 што планира да ги увезе и да ги замени младите со нив, за коски од минатото нема да знаат ништо.

Единствените коски што ќе останат се коските на трпезата.

Мицкоски нека ги заврши реформите и нека овозможи членство во ЕУ. ЕУ е подобар стандард што сега се одложува“, велат од СДСМ.

Текстот СДСМ: Мицкоски зборува за европска иднина, а Македонија не се споменува во пораките на Марта Кос е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top