Секој петти граѓанин во земјата е сиромашен

Секој петти граѓанин во земјата е сиромашен

пред 3 часа

Стапката на сиромаштијата во земјава во 2024 година изнесувала 21,9 отсто, покажуваат Лаекенските индикатори за сиромаштијата пресметани од Државниот завод за статистика, што во просек е секој петти граѓанин.

Податоците се добиени врз основа на Анкетата за приходите и условите за живеење, спроведена согласно препораките на Европската Унија, при што прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Во 2024 година, стапката на сиромашни лица пред социјалните трансфери изнесувала 39,4 отсто, додека по социјалните трансфери таа се намалила на 21,9 отсто. Стапката на сиромаштија пред социјалните трансфери со вклучени пензии изнесувала 24,0 отсто.

Анализирано по тип на домаќинства, стапката на сиромаштија кај домаќинствата составени од двајца возрасни и две издржувани деца изнесувала 17,1 отсто, додека кај самохраните родители со издржувани деца достигнала 45,8 отсто. Кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца, стапката изнесувала 54,8 отсто.

Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица изнесувала 7,9 отсто, а кај пензионерите 12,0 отсто. Кај невработените лица, стапката на сиромаштија изнесувала 45,7 отсто.

Анализата по возрасни групи покажува дека 29,5 отсто од лицата на возраст од 0 до 17 години биле под ризик од сиромаштија, додека кај лицата на возраст од 18 до 64 години стапката изнесувала 20,0 отсто, а кај лицата на 65 и повеќе години — 20,1 отсто.

Во однос на нееднаквоста во распределбата на приходите, Џини-коефициентот во 2024 година изнесувал 29,1 отсто.

Фото: depositphotos

Текстот Секој петти граѓанин во земјата е сиромашен е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top