Се заканувал дека ќе ги запали ќерката и внуката, истурил два шишиња бензин во домот, се бара притвор

Се заканувал дека ќе ги запали ќерката и внуката, истурил два шишиња бензин во домот, се бара притвор

пред 2 часа

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 54-годишен маж осомничен за загрозување на сигурноста, откако се заканувал дека ќе ги запали својата ќерка и внука, а во семејниот дом истурил и две шишиња бензин. Јавниот обвинител побара од судот да му определи притвор поради сериозниот ризик од повторување на насилството и опасноста заканите да бидат реализирани.

Постапката е поведена по кривична пријава од СВР Куманово. Од Обвинителството информираат дека случајот се води за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.

Особено загрижувачки е тоа што, според Обвинителството, насилничкото однесување на осомничениот се повторувало. Против него веќе е поднесено обвинение за телесна повреда на неговата ќерка при вршење семејно насилство, под дејство на алкохол, а тој предмет веќе е во судска постапка.

Во најновиот случај, покрај вербалните закани дека ќе ги запали ќерката и внуката, осомничениот презел и конкретни дејствија, истурајќи две шишиња бензин во семејниот дом.

По пријавувањето на настанот била изготвена итна проценка на ризик, која укажала на сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство.

Проценката покажала и ризик од повторување на насилството, поради што постои оправдан страв дека осомничениот би можел да ги повтори претходните дејствија, но и да изврши потешко кривично дело, односно да ги реализира заканите.

Од Обвинителството посочуваат дека во предметот веќе се преземаат дејствија за обезбедување докази, согласно зајакнатиот механизам за итна меѓуинституционална координација во случаите на семејно насилство.

Поради сериозноста на околностите, јавниот обвинител оценил дека целта на притворот не може да се постигне со поблага мерка, па до надлежниот суд доставил предлог за определување притвор за осомничениот.

Текстот Се заканувал дека ќе ги запали ќерката и внуката, истурил два шишиња бензин во домот, се бара притвор е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top