Се интензивираат активностите за реформи во изборното законодавство, соопшти Министерството за правда

Се интензивираат активностите за реформи во изборното законодавство, соопшти Министерството за правда

пред 8 часа

На втората седница на Работната група за реформи во изборното законодавство беа усвоени записникот од конститутивната седница и Деловникот за работа, со што се постави основата за понатамошната работа. Воедно, започна детална анализа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои ќе претставуваат клучен темел за идните измени на Изборниот законик.

„Во текот на 2025 година, Министерството за правда подготви работна верзија на Изборниот законик, која ја ставивме на располагање на сите членови на работната група. Очекуваме во наредните две недели членовите да ги разгледаат препораките во соработка со политичките партии, по што ќе продолжиме со усогласување на ставовите“, соопшти Министерството за правда.

Од таму велат дека продолжуваат со интензивни консултации со релевантните институции. Веќе е остварена средба со Државната изборна комисија, каде се разговараше за унапредување на законската рамка, како и за зајакнување на транспарентноста и ефикасноста на изборниот процес. Се очекуваат и нивни конкретни предлози.

Министерството најави дека во наредниот период ќе следуваат состаноци и со Државната комисија за спречување на корупцијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот завод за ревизија, како и со претставници на граѓанскиот сектор.

„Реформите во изборното законодавство бараат политички дијалог и широк консензус. Само преку заеднички пристап можеме да изградиме стабилен, кредибилен и фер изборен систем. Нашата цел е современо законодавство усогласено со меѓународните стандарди и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес“, велат од Министерството.

Следната седница на работната група за реформи во изборното законодавство ќе се одржи на 8 април.

Текстот Се интензивираат активностите за реформи во изборното законодавство, соопшти Министерството за правда е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top