Владата денеска го отпочна одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на армиските резервисти кај месноста Карпалак во вооружениот конфликт во 2001 година.
Надворешниот соработник за одбрана на премиерот, Драган Василевски со положување свежо цвеќе на споменикот во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, им оддаде почит на загинатите бранители Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско.
Во име на Владата, по повод две децении од загинувањето на десетмината армиски резервисти советникот Василевски вечерва положи цвеќе и на спомен обележјето во село Лениште, по што владиниот претставник го посети манастирот „Св. Петка“, каде се одржа вечерна богослужба.
Чествувањето на загинатите бранители ќе продолжи утре со положување цвеќе на споменикот во месноста Карпалак на автопатот Скопје – Тетово и оддавање почит на загинатите бранители пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.
На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна бил на пат кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.