Претседателката на Независниот синдикат на судска администрација, Јасмина Величкова, ги повика пратениците да не ги гласаат законските измени со кои се скратува правото за 2.000 денари да се зголеми платата на судската администрација. Синдикалците сметаат дека е срамен потегот на Владата во предизборен период да ги истурка измените кои предвидуваат трансформација на минималната плата од компонента на основна плата во дополнителни бодови за звање.
„Овие предложени измени се апсолутно неприфатливи за нас вработените во судската служба бидејќи се прават само со една и единствена цел – ние како судска служба да не добиеме покачување на плата со најавеното покачување на минималната плата. Ова е срамен потег на Владата да го турка и да го избутка донесувањето на овие законски измени во предизборен период и во време кога минималната синдикална кошничка изнесува 57.476 денари за месец февруари, а се работи за покачување на плата за 2.000 денари за вработените кои како основна плата земаат минимална плата. Ги повикуваме пратениците да не ги гласаат овие законски измени и да не заборават дека многу брзо ќе треба да се сретнат со нас, да не погледнат во очи и да ни побараат повторно да и гласаме“, рече претседателката на Синдикатот, Величкова.
Ако евентуално Собранието ги усвои измените, Величкова го повика претседателот Стево Пендаровски, да не ги потпише овие измени, бидејќи се против интересите на обичниот граѓанин кој зема понижувачка плата.
Текстот Синдикатот ги повика пратениците: Не гласајте измени со кои судската администрација нема да добие покачување на плата од 2.000 денари е превземен од МАКФАКС.