Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во Европскиот парламент во Брисел, оствари средба со европратениците Дан Барна (Renew, Романија), Тајс Ројтен (СД, Холандија), Матеј Тонин (ЕПП, Словенија) и Карло Реслер (ЕПП, Хрватска).
Предмет на разговорот беа актуелните состојби во македонскиот евроинтегративен процес, предизвиците со коишто се соочува политиката на проширување на Европската Унија, како и можностите за надминување на долгогодишниот застој во пристапните преговори.
Сиљановска-Давкова потсети на 21-годишниот кандидатски статус на државата и на нејзината континуирана посветеност на европската интеграција, поткрепена со значајни реформи.
Таа особено ја истакна целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како потврда на јасната геополитичка определба и доследната поддршка на европските позиции.
Според неа, политичката волја за напредок не треба да се очекува само од земјите кандидатки, туку и од самата Унија, од која се потребни креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој, без доведување во прашање на македонскиот национален и културен идентитет.
Соговорниците се согласија дека местото на македонската држава е во Европската Унија, каде што природно припаѓа, независно од предизвиците на патот.
За дел од европратениците, искуството на нивните држави потврдува дека пристапниот процес може да биде долг и исполнет со тешки услови, а напредокот не секогаш да биде препознаен.
Претседателката им се заблагодари за разбирањето и изрази уверување дека континуираниот дијалог и заедничкиот ангажман можат да придонесат за обновување на динамиката на проширувањето, како стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и единството на Европа.
Текстот Сиљановска-Давкова во Брисел: Европската перспектива бара заемна политичка волја и конкретни чекори е превземен од МАКФАКС.



