Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Индонезија, Листиана Оперананта, со седиште во Софија.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од динамиката на билатералните односи, воспоставени на 25 мај 1993 година, истакнувајќи ја важноста на продлабочувањето на соработката на политички план, во меѓународните организации, како и во економијата.
На средбата претседателката ја нагласи важната улога на почесниот конзул на Индонезија, Сашко Кедев, во зацврстувањето на пријателските односи меѓу двете земји, како една од причините за доделување на орденот „8 Септември“.
Таа ја потенцираше важноста на дијалогот меѓу македонската и индонезиската парламентарна група за развојот на демократијата во двете држави.
Според неа, обете држави се познати по извонредните природни убавини и богатото културно наследство што претставува одлична основа за интензивирање на културна соработка и развој на туризмот.
Таа се заблагодари за стипендирањето на македонските студенти во рамките на програмата Дармасисва.
Претседателката ѝ посака успех на амбасадорката Листиана Оперананта во извршувањето на одговорната дипломатска функција.
Текстот Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната амбасадорка на Индонезија, Листијана Оперананта е превземен од МАКФАКС.






