Сиљановска-Давкова: Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет!

Сиљановска-Давкова: Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет!

пред 3 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска присуствуваше на отворањето на Центарот за дневен престој за лица со попреченост и индивидуален третман „Во мојот свет“, во општината Ѓорче Петров, Скопје.

Во рамките на посетата, директорката на Центрите за индивидуален третман, Ангела Чингоска, ја претстави мисијата и долгогодишната работа на Здружението за поддршка и третман на лица со аутистичен спектар и атипичен развој „Во мојот свет“, на чија иницијатива е отворањето на центарот за дневен престој.

Претседателката ги разгледа просториите опремени со современа и специјализирана опрема, којашто овозможува унапредување на психомоторниот, сензорниот и социјалниот развој на децата.

Поздравувајќи го отворањето на центарот, Сиљановска-Давкова порача дека односот кон лицата со попреченост е огледало на зрелоста, хуманоста и солидарноста на едно општество. Според неа, вистинската инклузија подразбира создавање услови во коишто секој човек ќе може достоинствено да учи, да се развива, социјализира и активно да учествува во заедницата.

„Да се влезе „Во мојот свет”, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет!“ рече Сиљановска-Давкова и изрази очекување да се прошири мрежата на слични дневни центри.

Претседателката упати благодарност до Здружението „Во мојот свет“, до вработените за нивниот ентузијазам, до градоначалникот за отстапениот простор, до бугарскиот амбасадор за финансиската поддршката, до фондацијата „Механџиски“ за хуманоста и до сите општествено одговорни субјекти коишто придонеле во реализацијата на овој значаен проект.

Центарот е наменет за поддршка, социјализација, стекнување животни вештини и подобрување на квалитетот на живот на младите лица со попреченост, преку индивидуализиран пристап, прилагоден на нивните специфични потреби.

Особен акцент ќе биде ставен на децата со аутистичен спектар и атипичен развој, како и на поддршката и советувањето на нивните семејства.

Лиценцираниот центар располага со капацитет за 24 млади лица на возраст од 14 до 26 години, како и за 20 деца до 14-годишна возраст и претставува значаен исчекор во развојот на инклузивните и социјалните услуги во заедницата.

Здружението „Во мојот свет“ на претседателката Сиљановска-Давкова ѝ врачи благодарница за нејзината поддршка на инклузивноста и унапредувањето на правата и грижата за лицата со попреченост.

Текстот Сиљановска-Давкова: Да се влезе „Во мојот свет“, значи да се признае дека тој е и наш заеднички свет! е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top