Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата

Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата

пред 2 часа

Претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ги посетија припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес.

Во рамки на посетата, претседателката Сиљановска-Давкова од страна на командантот на Командата за обука и доктрини (КОД), бригаден генерал Лулзим Нуредини, беше информирана за мисијата и задачите на командата, а потоа и непосредно се запозна со дел од нејзините капацитети, вклучително Центарот за обука и дресура на кучиња, Центарот за симулации и Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции.

Во оваа прилика претседателката Сиљановска-Давкова ги посети и новопримените професионални војници кои ја реализираат основната воена обука во оваа касарна. Честитајќи им ги новогодишните празници, Сиљановска-Давкова истакна дека е среќна што новата година и започнува помеѓу припадниците на Армијата, потенцирајќи дека, според прикажаното, големата љубов и интересот за оваа професија е она што ги натерало војниците толку брзо да се адаптираат на новата средина.

Претседателката Давкова го изрази и своето задоволство од презентираното во текот на посетата наведувајќи: „Армијата е една импресивна институција, која што има визија, која има добро определена мисија, знае што прави во сите центри, која знае каде сака да стигне и со овие млади луѓе има загарантирана иднина“, при тоа нагласи дека денешната посета е уште една потврда зошто Армијата е една од институциите кои уживаат највисок углед.

Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, кои, како што истакна „ќе го потенцира критичкиот поглед кон она што се случува во светот и со тоа војниците ќе станат посилни, учени и толерантни луѓе.“ Оваа едиција на книги се наменети за збогатување и унапредување на книжевниот фонд на Централната воена библиотека во Скопје, која е составен дел од оваа команда.

Посетата традиционално заврши со заеднички ручек на претседателката Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски со војниците и старешините во касарната „Алексо Демниевски Бауман“.

Текстот Сиљановска-Давкова и генералот Лафчиски традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top