„Заборавете на гневот, заборавете на лошите зборови, напротив, уживајте во играта и почитувајте го противникот. Насилството сите нè боли. Навредливо е. Незамисливо е, меѓутоа тоа е сложен феномен“, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на панел-дискусијата „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, што денеска се одржа во Битола.
Пред членовите на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, организатор и домаќин на настанот, Сиљановска-Давкова истакна дека едукацијата за спречување на насилството треба да започне уште од најрана возраст, во основното образование, па дури и во градинките.
„Ако легитимирате употреба на сила, а некои под наводници јунаци добијат важен општествен статус, и ако некој се восхитува на лошите зборови или на примената на сила, што е сосема погрешно, тогаш пораката е лоша. Затоа ние мораме уште во основно училиште, а можеби и во детските градинки да почнеме да ги учиме децата за ненасилство, да ги учиме дека зборот боли“, нагласи претседателката.
Таа посочи дека насилството често започнува со навредливи зборови и дека тие не смеат да се толерираат.
„Секогаш кога ќе се соочите со насилство и кога ќе го прашате оној што е жртва на насилство, ќе ви каже дека на тоа му претходело насилство со зборови. Не смееме тоа да го толерираме и затоа уште во основното образование и во гимназија треба да знаеме дека многу тешки работи можат да се кажат со зборови“, порача Сиљановска-Давкова.
На интерактивниот панел во Офицерскиот дом во Битола, организиран во рамки на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер-плеј“, учествуваше и градоначалникот Тони Коњановски, кој ги истакна инвестициите на локалната самоуправа во развојот на спортот.
„Спортот ги поврзува луѓето, ги зближува сите без разлика на вера, нација или економски статус. Спортот поврзува на терен и на трибина. Затоа ние како локална самоуправа и со поддршка на Владата преку Министерството за спорт ги обновивме сите училишни и спортски терени во градот, а изградивме и спортски сали за младите да спортуваат и да се рекреираат“, истакна Коњановски.
На настанот беше презентиран и документарен филм посветен на социјалната инклузија на младите со помалку можности, нивното активно учество во процесите на донесување одлуки и други прашања поврзани со глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“.
Текстот Сиљановска-Давкова: Насилството сите нè боли, децата треба да се учат на ненасилство уште од градинка е превземен од МАКФАКС.





