Сиљановска-Давкова по повод еврејскиот празник Јом Кипур: Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност

Сиљановска-Давкова по повод еврејскиот празник Јом Кипур: Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност

пред 2 часа

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати порака до претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и до сите нејзини припадници, по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.

„Почитуван г. Пепо Леви, Дозволете ми, Вам, лично, како и на сите припадници на Еврејската заедница во Македонија на чие чело сте, со длабока почит кон Јом Кипур, да ви упатам искрени желби за духовен мир, здравје и благосостојба!

Јом Кипур, најсветиот и највозвишениот празник во еврејската духовна традиција, е празник на тишината и молитвата, на постот и преиспитувањето, на покајанието и простувањето.

На овој ден, човекот се повлекува од секојдневната врева и, со искрено и смирено срце, се соочува со сопствената совест, со своите постапки и со одговорноста што ја има кон ближниот, кон семејството и кон заедницата.

Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме.

Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност.

Во свет во којшто сме сведоци на поделби, нетрпеливост и отуѓување, вредностите на Јом Кипур се повик за човечност, достоинство и заемно почитување.

Заеднички да го градиме македонското општество како место во кое секој човек слободно и достоинствено ќе ја живее својата вера, традиција и културен идентитет, а различностите ќе бидат мостови на разбирање, а не линии на поделба“, се наведува во пораката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Текстот Сиљановска-Давкова по повод еврејскиот празник Јом Кипур: Денешниот ден нè потсетува дека помирувањето не е само религиозна, туку и суштинска човечка и цивилизациска вредност е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top