Сиљановска-Давкова со порака до учесниците на Медитеранските игри во Таранто: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки

Сиљановска-Давкова со порака до учесниците на Медитеранските игри во Таранто: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки

пред 1 час

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Таранто, Италија, го посети Медитеранското (олимписко) село и се сретна со македонските спортисти кои учествуваат на 20. Медитерански игри.

Таа, во обраќањето пред учесниците посочи дека спортот е повеќе од натпревар за резултат, тој е школа за формирање на цврст карактер преку превземање одговорност и вежбање истрајност. Според неа, преку спортот се обликува и негува не само личниот, туку и колективниот и националниот идентитет.

Спортските резултати и успеси, напомена таа, го јакнат единството на младите, надминувајќи ги разликите.

Таранто, како спортски мегдан деновиве, смета таа, ќе биде место на коешто нашите спортисти имаат шанса достоинствено да ја претставуваат државата.

Претседателката ги охрабри натпреварувачите да веруваат во сопствените можности и да го дадат максимумот, нагласувајќи дека победата е највредна кога е извојувана во фер борба.

Сиљановска-Давкова ги охрабри македонските спортисти на големата меѓународна сцена да ја покажат препознатливата македонска спортска сила, нескротливата борбеност и нескршливиот дух.

Медитеранските игри овозможуваат промоција на вистински вредности преку спортска дипломатија, верува претседателката.

Претставниците на Олимпискиот комитет ја информираа претседателката дека ова е четврто учество на македонски спортисти на Медитеранските игри од независноста, а таа е првиот претседател на државата што присуствува на истите.

На Игрите настапува најбројната македонска делегација досега, составена од 130 членови, од кои 88 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 спортски дисциплини, во индивидуални и колективни спортови.

Посакувајќи им успех на сите натпревари, Сиљановска-Давкова им порача да веруваат во себе и преку витешка игра да ја манифестираат македонската спортска енергија на големата медитеранска спортска сцена.

Текстот Сиљановска-Давкова со порака до учесниците на Медитеранските игри во Таранто: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top