Пратеници од различни релевантни комисии, како и собраниска и владина служба деновиве учествуваат на виртуелна симулација со експерти од Швајцарија и САД, со цел да стекнат знаење што ќе им помогне поефикасно да ги поддржат граѓаните при следната криза. Онлајн-настанот насловен „Подготовки за следната криза: Развивање на поефикасен систем за управување со кризи“ е организиран од Националниот демократски институт и е дел од швајцарската „Програма за парламентарна поддршка“. Меѓу учесниците, беа претставници на владини министерства и институции, канцеларијата на претседателот на Републиката, граѓански организации и донаторската заедница во земјата.
„Преку дводневната анализа на постојната состојба и досега уредениот начин на справување со криза, улогата и одговорноста на секоја институција во иднина, а особено надзорната улога на Собранието, како и идентификување на точките за подобрување, верувам дека ќе дојдеме до вредни и сеопфатни одговори со цел подобро справување со евентуални кризи што би можеле да ни се случат во иднина“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„За сите држави во светот, Ковид-19 пандемијата е ситуација без преседан, и затоа е неопходно од оваа криза да излеземе со сознанија и искуства што ќе ни помогнат во идните. Од секоја криза, како што е редот, и од оваа треба да извлечеме поуки и да ги преточиме искуствата и знаењата во секогаш подготвен и одржлив систем за управување со кризи и да воспоставиме формални механизми за надзор и контрола во вонредна состојба“ – рече премиерот Зоран Заев.
Во текот на симулацијата, учесниците ги испитаа надзорните функции на Собранието, вклучително неговите клучни одговорности, структури и работни процеси во сите фази на кризата – пред, за време и по неа – и идентификуваа потенцијални области и активности што можат да се подобрат. Тие ги анализираа постојните процеси за кризен менаџмент и ги разјаснија улогите и одговорностите во архитектурата за управување со кризи. Дополнително, учесниците ги оценија барањата на извршната власт од Собранието за подобрување на националниот процес на управување со кризи и идентификуваа начини за подобрување на надзорот на националните процеси за управување со кризи.
„Преку нашите заеднички напори за добро управување, македонските институции треба да спроведат транспарентно и ефикасно донесување одлуки и родово одговорно буџетирање. Има многу лекции што треба да се извлечат од изминатата година и половина, бидејќи земјите ширум светот беа под притисок на социјалните, економските и политичките ефекти на пандемијата. И Швајцарија и Северна Македонија не беа имуни на овие предизвици. Сега повеќе од кога било, јавните службеници мора да разберат како безбедно да се вклучат во креирање инклузивни политики и надзор за решавање на предизвиците на управување поврзани со кризи. Ние охрабруваме, отворена и искрена размена за да се идентификуваат начините на Собранието и извршната власт да ги зајакнат своите процеси за управување со кризи и позасилена вклученост на граѓанското општество“, изјави швајцарската амбасадорка Сибил Сутер.
Еден од најзначајните заклучоци на овој документ според надлежните, е дека на стратешко ниво, треба да се донесе сеопфатна „Стратегија за национална безбедност“ преку транспарентен и партиципативен процес, во согласност со последните измени и дополнувања на Законот за одбрана од февруари 2020 година.