Соработка помеѓу НБ и МАПАС за поголема ефикасност во одржувањето на финансиската стабилност

пред 2 години

Со зајакнувањето на соработката помеѓу Народната банка и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) се придонесува кон поголема ефикасност на регулаторите во анализата и оценувањето на финансиската стабилност.

Ова беше истакнато на денешната средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, при потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу двете институции.

Унапредувањето на соработката помеѓу Народната банка и МАПАС е од големо значење, имајќи ја предвид врската на банкарскиот систем со пензиските друштва, како врз основа на сопственичката поврзаност, така и врз основа на обезбедувањето услуги на чувар на имот за пензиските фондови.

Меморандумот предвидува соработка помеѓу Народната банка и МАПАС преку неколку групи активности. Така, со Меморандумот се дефинираат потребните податоци коишто ќе ги разменуваат институциите − се предвидува редовно доставување податоци за банките, на квартална основа, од Народната банка до МАПАС, коишто таа ќе ги ползува во вршењето на својата супервизорска улога врз пензиските фондови, а заради заштита на интересите на осигурениците.

Со Меморандумот се предвидува организирање заеднички контроли на субјектите што се од заеднички интерес за двата регулатора, кога ќе се утврди потреба од такви контроли.

Финансиската стабилност е заеднички приоритет и обврска на финансиските регулатори. За таа цел, Народната банка минатата година ги обнови меморандумите за соработка и со Комисијата за хартии од вредност и со Агенцијата за супервизија на осигурување, заради јакнење на механизмите за заштита на финансиската стабилност во системот.

Share
Scroll to Top