Едногласно со девет гласа „за“, Советот на јавни обвинители ја избра Соња Симовска за в.д. државен јавен обвинител. Таа ќе го наследи Љубомир Јовески.
Според нив, Симовска е најсоодветна да ја извршува оваа функција се до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија.
„Јавниот обвинител Соња Симовска која на денешната седница на Советот на јавни обвинители е определена за вршител на функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија е обвинител којшто има долгогодишно искуство, докажан во својата професија како вистински професионалец, ги познава добро состојбите во Јавното обвинителство. Истата поседува и менаџерски способности, сметаме како членови на Советот дека јавниот обвинител Соња Симовска успешно ќе ја извршува функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија“, изјави претседателката на Совет на јавни обвинители, Душица Димитриеска.
Како што објасни Димитриеска, барањето за давање на мислење е пристигнато во Советот на јавни обвинители, рокот по Закон е 15 дена, за Советот да даде образложено мислење, позитивно или негативно, во писмена форма за секој од кандидатите којшто се пријавени и којшто ги исполнуваат условите согласно со Закон.
„Пријавени се тројца кандидати, Советот по разгледување на барањето ќе го испочитува рокот и ќе го даде мислењето до Владата“, додаде претседателката.
„За вршител на функцијата на Јавен обвинител може да биде определен еден од јавните обвинители, којшто е од редовите на Јавното обвинителство на РСМ. Еден од тие е Соња Симовска. Ние како членови на Советот ги познаваме јавните обвинители, ја следиме нивната работа. Од сите податоци достапни за јавниот обвинител на Симовска, од личното познавање на членовите на Советот и јавните обвинители, се доби впечаток кај сите членови на Советот, дека истата успешно ќе ја извршува оваа функција до именувањето на Јавен обвинител, со оглед на нејзиното долгогодишно искуство и докажаните резултати во работењето“, одговори Димитриеска на прашањето како Советот стигнал до името на Соња Симовска за да биде избрана за в.д. државен јавен обвинител.
Текстот Соња Симовска избрана за в.д. државен јавен обвинител: „Таа е вистински професионалец“, рече претседателката на Советот на јавни обвинители е превземен од МАКФАКС.





