Со Ковид-19 заразени се 17.800 лица во Македонија, надлежните велат дека има слободни кревети во болниците

пред 3 години

Во моментот во Македонија како активно заразени се водат 17.800 лица кај кои е потврдено присуство на Ковид-19.

Само вчера, на целата територија, регистрирани беа 1.168 нови случаи, 692 оздравени пациенти и 18 починати. Во Скопје како активни се водат 8.254 од случаите, а најмногу заразени има во Аеродром – 1.256, Гази Баба – 1.151, Карпош – 1.070, Центар – 1.028 и Кисела Вода – 1.021.

Според последните податоци објавени од Министерството за здравство, вкупно во ковид центрите се лекуваат 694 пациенти, позитивни и суспектни на вирусот.

„Во болниците во внатрешноста има околу 80 слободни болнички кревети, а се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла“, информираа од Министерството за здравство од каде нагласија дека бројките се менуваат од час во час според направените приеми и исписи на пациенти.

Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, од Министерството за здравство посочија дека се во постојан контакт со сите болници низ државата, па доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави е зголемен бројот на тестови и на термините за тестирање. Тој рече дека граѓаните немаат потреба да стравуваат, бидејќи набавена е доволна количина на брзи тестови и секој кој има симтоми може да се јави или на пунктовите или во болниците и да биде тестиран.

„Она што го правиме во изминатиот период е зголемување на бројот на тестови, особено на брзите тестови кои имаат посебна индикација. Пристигнати се 13 илјади брзи тестови, ние сме во постапка на набавка. Значајна количина на тестови ќе стигне во сите центри и согласно индикацијата и потребата сите граѓани ќе може да бидат тестирани“ рече Филипче.

Тој додава дека термините постојано се зголемуваат и менуваат согласно епидемиолошката слика, односно зголемениот број на луѓе треба да се тестираат.

„Се зголемуваат секојдневно термините и во постојните лабаратории и на пунктовите на Центарот за јавно здравје и на клиниката во Козле. Секој кој има клиничка слика било каква , во било која од болничките установи на интерните клиники, на Инфективната, во болницата „8- ми септември“ секаде се поделени тие тестови“, рече Филипче.

Министерот уште еднаш потенцираше дека целиот здравствен систем е ставен во услови справување со ковид пандемиијата при што интерените клиниките се прилагодени и подготвени да примат пацинети заболени од коронавирусот, а направени се и тимови од лекари специјалисти за таа намена.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 46.062. Досега оздравеле 26.981 пациенти, а починале 1.281.

Share
Scroll to Top