Лажен профил е отворен со името и фотографии од првата дама Елизабета Ѓоргиевска, преку кој се собирале податоци од граѓани.
Профилот е на социјалната мрежа „Фејсбук“ и е отворен пред 13 часот. За него е искористено презимето од претседателот Стево Пендаровски, па е именуван како „Елизабета Пендаровска“, а користени се и нивни заеднички фотографии, споделувани се објави од официјалната страница на претседателот.
Случајот е пријавен и во Секторот за компјутерски криминал при МВР.
Последната во десетиците објави на лажниот профил е насловена како „донации“. Преку неа, се повикуваат сите кои го следат профилот да напишат нивно име и презиме, за потоа 100 лица да добијат по 5.000 евра. Под оваа објава има над 1.500 коментари, како и 672 споделувања. Подолу, корисникот на лажниот профил оставил и линк преку кој дополнително собирал информации, меѓу кои и кредитните картички.
„Добри вести. Денес случајно ќе изберам 100 среќници за да добијат парична помош од 5.000 евра. Ве молиме внесете го вашето име во колоната за коментари и споделете ја оваа објава“, стои во објавата во чиј коментари, корисникот на лажниот профил додава: „Здраво на сите, благодарам за коментарите. Последниот чекор за да добиете подарок од мене е да го регистрирате вашето име овде…. Ве молиме следете ги сите упатства што ги даваме за да ја завршите регистрацијата“.
За лажниот профил кој сака да измами граѓани, запознаена е првата дама Елизабета Ѓоргиевска, како и претседателскиот кабинет.
„Почитувани пријатели, многумина од вас ми пишаа за лажен профил направен со мое име. Пријавен е во ‘Фејсбук’ и во МВР, но би ве замолила, за побрза реакција од ‘Фејсбук’, да има што повеќе пријавувања. Ви благодарам“, напиша првата дама Ѓоргиевска.